جزییات کتاب
Македонско-германскиот и германско-македонскиот речник е работен според принципите и правилата за стандарден двојазичен речник и е поделен во два дела: германско-македонски и македонско-германски дел, а лексичките единици се вообликувани сообразно со меѓународниот лексикографски стандард. Приложениов речник го изработи стручен тим од Катедрата за германски јазик и книжевност и Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во соработка со преостанатите катедри и студиски групи од Филолошкиот факултет во Штип, како и со меѓусебна соработка со колегите од Институтот за странски јазици при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Со оглед на специфичните околности на германско-македонските јазични релации и на интересите на корисниците на речников, додадени се и посебни информации за одредени лексички единици. Речникот е првенствено наменет за потребите на студентите по германски јазик и книжевност, студентите кои изучуваат германски јазик како странски јазик, за наставничкиот и соработничкиот кадар кој предава германски јазик како втор јазик, односно германски јазик како странски јазик, за студентите од постдипломските и мастер студиите кои изучуваат странски јазик - германски, за учениците од средните училишта, како и за сите оние кои имаат потреба од изучување на германскиот јазик во рамките на своите дејности и професии. Тоа значи дека можните објективни, односно лингвистички структурирања отстапуваат пред оптималното ориентирање со кое корисникот на двата целни јазика ќе го најде бараниот збор. Зборовните единици се подредени строго алфабетски (односно по азбучен редослед), дури и во случаите кога објективно би било можно и прегрупирање. Со оглед на значењето што овој прв германско-македонски и македонско-германски речник издаден од нашиот Универзитет ќе биде од корист за мултипликаторите по германски јазик во Македонија и за мултипликаторите по македонски јазик во германскојазичниот простор, односно во прв ред за учениците и за студентите, како и за сите други изучувачи на германскиот јазик, тој во своите рамки опфаќа во релативно голем обем, пред сè, стандардна, но и научна и филолошка терминологија. Во обработката на лексичките единици се вклучени и туѓите зборови, англицизмите и интернационалните зборови, како и бројните германизми што се употребуваат во македонскиот јазик и кои се сметаат како важни јазични елементи. Покрај традиционалниот начин на пишување, наведен е и начинот на пишување според новиот германски реформиран правопис, кој е прифатен само во однос на новите правила за употребата на ß и ss. Со оглед на сè уште присутната нерешеност на состојбата го задржуваме правото во некое друго издание на речников да додадеме вовед во реформираниот правопис.